Комо стана првиот клуб кој забрани игра со глава во младинските категории

Италијанскиот клуб Комо е првиот кој повлече чекор во заштитата на младите фудбалери така што воведе забрана за игра со глава во својата младинска академија.

Иницијативата ја предводи членот на Одборот за развој и поранешен француски репрезентативец Рафаел Варан, а нејзината цел е да го заштити здравјето и развојот на мозокот кај децата, но и да поттикне развој на подобра техника и игра „од нога до нога“.

Новите правила во академијата на Комо се јасно дефинирани и прилагодени според возрасните категории:

До 10 години (У-10): Играта со глава е целосно забранета. Наместо класично изведување аут со раце, топката се враќа во игра со нога, а сите корнери мора да се изведуваат по земја.

До 11 години (У-11): Играта со глава останува забранета и на натпреварите. Техниката на удар со глава почнува да се изучува дури на крајот од сезоната, во многу ограничен обем и со користење специјални, полесни топки.

До 12 години (У-12): Дозволен е најмногу еден тренинг месечно на кој се вежба игра со глава, при што секој играч смее да упати најмногу пет удари со глава.

До 13 години (У-13): Играта со глава е дозволена само еднаш неделно на тренинг, повторно со ограничување од најмногу пет удари по играч, додека на официјалните натпревари и понатаму останува забранета.

Главната цел на оваа реформа е значително да се намали изложеноста на удари во главата во период кога мозокот на децата сè уште се развива. Во Комо веруваат дека ваквиот модел, покрај здравствените придобивки, ќе помогне и во создавање нова генерација технички поквалитетни фудбалери со подобар преглед на играта.