Штрајк во Македонија ЃП - фудбалерите нема да го играат утрешниот дуел со Струга!?
Македонија ЃП пред десетина дена доби нов сопственик, откако досегашниот газда Имер Асан објави преку социјалните мрежи дека го продал македонскиот прволигаш, но не сподели инфо кој ќе биде новиот газда.
Бидејќи фудбалерите од скопската населба Ѓорче Петров немаа доволно информации од тие што треба да го преземат клубот, а старите побарувања од стариот газда не се исплатени, играчите, заедно со стручниот штаб, денеска решија да не тренираат.
Фудбалерите и во минатиот месец двапати имаа тивок штрајк поради неподмирени долгови, но овој пат ситуацијата ескалира по празните ветувања од старите сопственици, па затоа е неизвесно и одигрувањето на утрешниот меч против Струга.
Струга утре требаше да гостува кај Македонија ЃП во рамки на 12. коло од 13.30 часот, но според актуелната состојба, тој натпревар сега е неизвесен.
Македонија ЃП по 11 одиграни натпревари во Првата лига се наоѓа на седмата позиција со 14 освоени бодови.