Хронологија на една пропаст: Како Вардар од моќен милионер дотурка да нема ниту за - струја!

Две ипол години откако најтрофејниот македонски клуб ја наполни касата со милиони евра од историскиот настап во Лига Европа и на последниот меч со Розенборг го освои првиот бод (декември 2017), македонскиот миленик дотурка да нема пари да плати струја. Од завчера струјата во Академијата е исклучена како кулминација на кризата во клубот и почетокот на тонењето на најголемото фудбалско име во земјата.

Откако Сергеј Самсоненко во јануари 2014 година го презеде клубот од град Скопје и освои три титули во Првата лига, Вардар испиша историја со настапот во Лига Европа, заработувајќи милиони евра за пласманот и настапот, ама кога сите очекуваа дека со тоа црвено-црните добија стабилност, се случи спротивното – почеток на колапсот. Незадоволството, кое беше тивко, тлееше уште тогаш, но од март 2018 година почна да испливуваат сите валкани работи за на крај најдолемиот фудбалски клуб да се доведе во ситуација да нема – скршен денар.

Ова е хронологија на една пропаст на големиот и моќен фудбалски миленик, која сè повеќе заличува на пропаста од пред повеќе од една деценија (2009 – 2011).

20 март 2018 – Првата ѕвезда и најдобриот фудбалер на тимот, Хуан Фелипе спогодбено си замина, иако клубот неуспешно се обиде да го замаскира тоа со изговор- „семејни причини“. Бразилецот го турна Вардар во ќош со закана за тужба за неисплатени плати, па вардарци беа приморани да се ослободат од него со спогодба, за да не се соочат со тужба од која Фелипе ќе требаше да добие до пола милион евра (договор до јуни 2020). Тој заминувањето и спорот до тогаш го издејствува со „тивок штрајк“ и нетренирање .

15 мај 2018 – Иако Вардар оствари профит од 800.000 евра според финансискиот извештај за историската 2017 година, дека во клубот нешто не е во ред покажа ревизорскиот извештај во кој ревизорот се сомнева во способноста на друштвото (клубот) долгорочно дека ќе може да функционира. Потенцираји дека финансиските текови „предизвикуваат сомнеж за способноста на Вардар да продолжи со работа во неограничена иднина“, најмногу поради неможноста навремено да се подмират сите долгови (тековни обврски) кон доверителите во тој момент заклучно до 31 декември 2017 вкупно 179,8 милиони денари (нешто помалку од три милиони евра).

22 јули 2018 – елиминацијата на Вардар од Пјуник во првото коло во Лига Европа го предизвика првиот сериозен пожар во клубот. Сергеј Самсоненко најави заминување и враќање на клубот на градот Скопје (еден месец подцна го потврди тоа и градоначалникот Петре Шилегов). Убавата слика за Вардар под палката на рускиот бизнисмен почна да се крши, а клубот веќе имаше договорен нов тренер откако го избрка Бобан Бабунски непосредно пред мечот со Ерменците, а требаше само да се мине Пјуник. Јури Калитвинцев беше практично договорен да го преземе клубот (беше и во ложата за тој меч), но елиминацијата ги урна сите планови. На крај клубот заврши со блокадата на сметката поради неизмирени долови за користење на стадионот од над 100.000 евра.

31 јули 2018 – Неочекуваната криза пола година по добрата заработка, Вардар едвај и во последен момент избегна невиден срам зашто клубот немаше пари да си ја плати котизацијата за настап во Првата лига за сезоната 2018/19. Црвено-црните буквално на рати плаќаше за да може да игра и последната рата ја исплати ден пред ждрепката за новата сезона, која и онака доцнеше чекајќи го најголемиот клуб да го подмири долгот.

28 август 2018 – Осум месеци откако парите од Лига Европа легнаа на сметка, а фудбалерите не видоа ни денар, дојде првата сериозна закана за штрајк и прашања – каде исчезнаа милионите? Ситуацијата пред експлозија во тренинг-кампот завршила со закана дека нема да се патува во Струмица на меч со Беласица откако на состанокот не се појавил никој од управата, која претходно ветила исплата на платите пред мечот. Тивкиот бунд беше „згаснат“ со ново ветување дека до 15 септември ќе се подмири се

13 септември 2018 – Вардар поради блокираната сметка и спорот со ЈПССДП за користење на стадионот почна сезоната да ја игра во Маџари, а беспарица диктираше сè и црвено-црните практично го пријавија „селскиот стадион“ за свој домашен терен за своите мечеви. Никогаш Вардар толку долго (цела сезона) не играл надвор од својот стадион, освен ако бил казнет или ако се реновирал стадионот (како во сезоната 2011/12 кога играше во Ѓорче Пертров).

17 октомври 2018 – Вардар после серијата загубени одлични фудбалери, практично остана и без последната своја голема ѕвезда и страшен борец, Тигран Барсегјан. Поради неподмирени плати не стигна да ја доигра полусезоната за Вардар, долговите беа проблем за да се извади нова работна дозвола. Барсегјан чекаше, од управата абер немаше и на крај во декември Ерменецот и официјално се откачи од црвено-црните.

14 ноември 2018 – Два месеци после заканите за штрајк на фудбалерите, следеше голема закана со штрајк и на тренерите во младинскиот погон, поради неисплатените многу плати. Овојпат уплашени од реакција на родителите на децата, клубот со две плати брзо го изгасна пожарот, кој беше веќе аларм дека во Вардар ситуацијата е ужасно лоша на финансиски план. Расчистувањето на долговите не продолжи, туку тие само продолжија понатаму да се зголемуваат.

21 демеври 2018 – Една година после историскиот успех од УЕФА дојде последна опомена - да се платат долговите заклучно со 30 септември (најдоцна до 31 јануари 2019) или ќе следи суспензија! Вардар успеа во последниот ден од рокот на 31 јануари 2019 да ги подмири долговите од околу еден милион евра, на општа радост на сите во клубот и кај навивачите, арно ама...

23 мај 2019 – Иако Вардар ја „исчисти“ УЕФА и избегна суспензија, сите долгови не беа исплатени и не го мина филтерот на лиценцирање во ФФМ. Тоа што се подмири до октомври 2018, сепак не беше гаранција за лиценца, а и понатаму останаа долгови кон актуелни и бивши фудбалери, вработени, тренери...Цели две недели ФФМ одолговлекуваше со лиценцата во обид да му се даде шанса на Вардар да добие лиценца и на крајот ги остави црвено-црните без европски настап

30 мај 2019 – Неосвестени од шлаканицата од Нион, следеше втора уште посилна – од ФИФА. Од светската централа дојде суспензија за трансфери - забрана за два преодни рока поради неправилности во трансферот и ангажманот на Максим Максимов на 31 август 2017 година.

12 септември 2019 – Финансискиот извештај на клубот за претходната ептен кризна година обелодени скандалозна загуба од 2,2 милиони евра на клубот, со уште уште полоша најава – сериозно намален спонзорскиот дел за дури трипати во однос на пред две години.

14 јануари 2020 – Еден од најголемите таленти на клубот Никола Серафимов ден пред заминување за Анталија си замина од клубот како слободен играч, неверувајќи дека ситуацијата и постојаните ветувања ќе се исполнат, иако беше жестоко напаѓан од сите вардарови навивачи за својот потег. Заминувањето на Серафимов дојде во ситуација кога Вардар беше есенски првак во оваа сезона и кога повторно имаше „сериозни и сигурни ветувања дека наскоро ќе се среди сè“.

29 јануари 2020 – среде подготовки во Анталија, Самсоненко најавил повлекување од клубот, откако на играчите доскорешниот спортскиот директор Гоце Седлоски им соопштил дека во клубот нема пари и не се знае иднината. Неколку дена подоцна, Самсоненко се испишмани и најави останување, со ново големо ветување дека ќе се подмират долговите набрзо

12 мај 2020 – Додека се одбројуваат последните денови до истекот на рокот за подмирување на долгови од 1,5 до два милиони евра за да се извади евролиценца, Вардар доживеа да биде исклучен од ЕВН поради неплатени сметки за струја во Академијата. Наместо спас, навивачите видоа – нов срам!