Самсоненко секогаш ги темпира „заминувањата“ од Вардар - околу избори!

Најновата најава на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко да се повлече од македонската гордост Вардар е петто негово заминување во најава во последните две ипол години. Досега четирипати се премислуваше. Дали овојпат дефинитивно (ќе) си оди, Русинот ќе треба и официјално да потврди, зашто со него никогаш ништо не е јасно. 

Самсоненко од никаде се појави на македонската спортска сцена откако го превзема ЖРК Вардар во 2012 година, а потоа и РК Вардар, за на крај, во јануари 2014 година да го добие на управување и ФК Вардар како единствен понудувач на јавниот оглас што го распиша Град Скопје.

Случајно или не, досегашните (четири) најави за заминување на рускиот бизнисмен, секогаш се темпирани околу избори или во момент кога има сериозни политички превирања. Така е и овојпат, на две недели пред распуштањето на Парламентот и почетокот на политичката борба за изборите закажани на 12 април годинава.

Да одиме хронолошки... 

Првата закана за заминување на Самсоненко се случи на 19 април 2017 година пред четвртфиналињата на ракометниот клуб со Фленсбург, откако беа делегирани дански судии, тогаш со образложение дека ќе се повлече ако Вардар се соочи со судиски неправди на мечевите.

„Четири години се бориме на теренот и надвор од него со една цел, да влеземе на фајнл-форот во ЛШ. Сме имале и добри и лоши моменти, но целта била секогаш иста. Имаме неповолни информации, не сакам да зборувам за тоа, но што и да се случува ние ќе дадеме сѐ од себе за да го поминеме Фленсбург. Не ми е јасно зошто ни дадоа судии од Данска кои ни го судеа последниот меч со Барселона, и кога сите спонзори на Фленсбург се Данци. Се надевам дека нема да се случи истото од пред три години. Ако се повтори истата приказна и повторно сме жртва на судиски неправди, ќе се повлечам од ракометот - веќе немам сила да се борам. Ќе останам во Вардар, но ќе се посветам само на младите категории. Немам намера веќе секоја година да инвестирам по седум милиони евра и да ни се случува тоа што ни се случува. Веќе не се издржува“, рече тогаш Самсоненко.

Најавите се погодија во момент на сериозна политичка криза во Македонија после декемвриските избори во 2016 година, по кои дотогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ не успеа да обезбеди мнозинство за да формира Влада, па повеќе од три месеци беше натегањето, за  на крај на 17 април 2017, тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов да му го даде мандатот на Зоран Заев после обезбедените гаранции што беа доставени. 

На радост на цела Македонија, Вардар пласманот на фајналфорот го обезбеди на 27 април, на денот кога се случи „крвавиот четврток“ во Собранието на Македонија, а потоа црвено-црните ја испишаа најубавата бајка со освојувањето на првата европска титула во Келн.

Не траеше многу радоста дека европската круна го пишманила Самсоненко за да остане во Вардар, откако на 11 август 2017 година следеше нов „шок“ од Русинот.

Вторпат се закани со заминување и тоа со образложение дека бил навреден од бурните реакции против него на навивачите и јавноста, откако пред историските мечеви ма ФК Вардар со Фенербахче, беа ставени превисоки цени, а култната Јужна трибина првично беше наменета за турските навивачи.

„Долго време се воздржував да реагирам на навредите што ги пласираа против мене одредени медиуми и поединци... и сакам да кажам, доста е! Никогаш во животот не сум доживеал ваков линч, навреди и омаловажување какво што доживеав во изминативе денови. Ви благодарам многу, се чини дека ова е надомест за сè што направив. Доста е, одлуката, колку и да ми беше тешко, ја донесов. Ова е последна сезона во која јас, Сергеј Самсоненко, како инвеститор вложувам во сите три спортски клуба во Македонија. По оваа сезона, ќе ги вратам трите клуба на поранешните сопственици во одлична состојба, со шампионски титули, добар ранкинг и без долгови“, објави Самсоненко тогаш во соопштението до јавноста.

Нешто повеќе од еден месец подоцна се испишмани, па на прес-конференција ја повлече одлуката, откако ФК Вардар напиша историја со пласманот во Лига Европа, а тоа беше гаранција за милионска заработка (Вардар само од УЕФА доби 4 милиони евра).

Новата закана од Русинот дојде после промената на власта во земјава и константните приказни дека по секоја цена некој се обидува да го избрка од Македонија, а сѐ концидира на два месеци пред локалните избори кои се одржаа на 15 октомври 2017 година.

Сепак, на 15 септември на прес-конференција со три теми (претставување на Илија Најдоски за технички директор, а и „војна“ околу прескапото изнајмување по нови целни на Арената), Самсоненко посочи дека со жешка глава објавил заминување.

„Реков дека ова ми е последна сезона во сите три клуба и после нема да инвестирам. Сакам да објаснам дека причината е само една – се собра цел куп пишувања од одредени медиуми, кои промовираа невистини за мене, превртуваа факти. Тоа ми се собра до срце, со жешка глава ја кажав таа изјава. Јас не сакав да си одам од Вардар и сакам да кажам да не веруваат во невистините што ги пишуваат за мене. Сакам да им порачам на тие што пишуваат, немате ни срам, ни совест, ве сметам за предавници. Јас не сум направил ништо лошо во оваа држава. Јас дојдов тука и ја засакав како моја. Тоа што правите за мене е 'дно-дна'. Јас не сакав да заминам и нема да заминам од Вардар. Ќе останам и во лошо и во добро, ќе дадам сè од себе, ќе помагам како на сите клубови. Сакам да кажам дека ги повикувам сите добри луѓе без разлика на националност, вера, партија, сите да нѐ поддржат. Заедно да се бориме против неправдите. Сигурен сум дека ќе направиме уште успеси. Ќе бидеме уште подобри“, рече тогаш Самсоненко.

Третата закана со заминување од Самсоненко дојде на 21 јули 2018 година, после елиминацијата на ФК Вардар уште во првото коло од Лига Европа од ерменски Пјуник. Тогаш Самсоненко им порачал на сите вработени дека крева раце од клубот и дека веќе има закажан состанок со градската власт на Скопје за враќање на црвено-црните под капата на градот, што и градоначалникот Петре Шилегов три недели подоцна го потврди во изјава за медиумите.

„ФК Вардар е сопственост на град Скопје со 51 отсто и известен сум од луѓето на кои градот таа сопственост им ја отспатил да ја користат дека во идниот период ќе се откажат. Официјално кога ќе седнеме да разговараме, јавноста ќе биде известена“, рече тогаш Шилегов.

Интересно, украински бизнисмен многу близок до Ринат Ахметов, газдата на Шахтер, биле во Скопје на преговори за Вардар, дури и ги посетија тренинг-кампот и Академијата, но бараа чисти документи без долгови за евентуално да станат нови газди.

Сето тоа се изјалови, зашто Самсоненко се премисли и остана да го раководи клубот, кој веќе беше во сериозни финансиски проблеми, со наталожени долгови и блокирана сметка.

Последното заминување кое Самсоненко го објави се случи на 19 април 2019 година со драматично соопштение, 40-на дена пред фајнлфорот во Келн, трет по ред за ракометарите на Вардар, каде што вторпат стигнаа до европската титула.

„Изминува веќе седмата година од моето раководење и финансирање на ракометот во државата, започнувајќи од ЖРК Вардар во 2012 година и веќе во 2013 година приклучувајќи го и РК Вардар. Од седумте години поминати во ракометот за жал изминува веќе третата година како јас лично се борам од ден за ден за издржување на клубот, со постојано задолжување и земање на кредити. Покрај оваа борба која ја водам секој ден зад мене има повеќе од 5.000 вработени во моите компании кои ги издржувам со нивните семејства и кои не сакам да ги загрозувам, а веќе тоа се одразува со моето постојано задолжување за спортот. Приходот кој ракометниот клуб го има од страна на ЕХФ и од спонзори изминативе години не е ни десет отсто од буџетот кој јас го давам годишно. Добив премногу ветувања дека за кратко ќе добијам помош за ракометот, но еве веќе како што напоменав измина и седмата година и таа помош ја нема. Ова е причината поради која јас од следната сезона не сум во можност да продолжам со финансирањето на ракометниот клуб Вардар“, објави меѓудругото тогаш Самсоненко во соопштението.

Коинциденција или не, одлуката тој да се повлече, дојде во предвечерието на претседателските избори, практично пред изборниот молк, зашто два дена подоцна се одржа првиот круг (21 април), а потоа во вториот круг (5 мај) беше избран новиот претседател на Македонија.

Откако Вардар ѝ покрај сите финансиски маки, со силен карактер и инает на ракометарите, направија чудо за втора европска титула (посебно ќе се памети епскиот пресврт со Барселона во полуфиналето), Самсоненко во големата прослава објави останување.

„Зошто сите велат за некаков крај на Вардар? Каков крај, одиме понатаму – не можам без Вардар. Зошто сите мислат дека ја знаат ситуацијата во Вардар? Никој не ја знае, сето тоа се само сплетки, гласини... Вистинската информација е дека сме европски прваци, имаме две титули од три фајнлфора, а сега почнуваме со работа за трета титула во четвртото учество“, порача Самсоненко од Келн.

Рускиот тајкун пред крајот на минатата година, во интервју за неделникот „Фокус“, во кој ги објави проблемите околу своите фирми со кои се соочува и наведува дека се еден од прблемите за финансиската криза, порача дека во изминатиов период откако се појави на македонската ракометна сцена потрошил 100 милиони евра и дека нема помош од институциите во државата, демантирајќи дека е близок со една политичка партија и додавајќи дека треба да има политичка поддршка од сите во земјава за тоа што го прави тука.

„Сто милиони евра сум потрошил на спортски екипи во земјава. Сè уште ги финансирам машкиот и женскиот ракометен тим на Вардар и истоимениот фудбалски клуб. Како ќе биде понатаму не зависи само од мене, зашто не сме излезени од финансиската криза. Не е прашање дали сакам или не, многу години финансирам и тешко се издржува, немам толку пари. Секоја година оди сè потешко. Кога по вторпат освоивме титула во Лигата на шампионите, ми беше ветена помош од различни институции во државата и јас уште чекам на таа помош, зашто без неа не би можел да издржам понатаму. Инаку, јас треба да имам политичка поддршка од било која власт за сè што правам тука“, рече тогаш Самсоненко.