Трето полувреме во Аеродром: Ефремовски по мечот го удрил Тадиќ - судиите го пријавиле во КФМ (ВИДЕО)

Синоќешното вечно дерби помеѓу МЗТ Скопје и Работнички (60-74) неочекувано добива трето полувреме поради инцидент што се случил по завршување на средбата и тоа додека кошаркарите на двата тима меѓусебно се поздравувале.

Според официјалните лица на овој натпревар, капитенот на „центарци“, Виктор Ефремовски, го удрил Тадија Тадиќ, српскиот плејмејкер од таборот на МЗТ Скопје, поради што тие поднеле пријава до Куќата на кошарката. Изјава за немилиот настан била земена и од кошаркарот на тимот од „Градски парк“. Сето ова може да се види и на стримингот од натпреварот емитуван на Јутјуб.

Сега на потег е комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, кој треба да ја процени тежината на прекршокот на македонскиот репрезентативец заедно со неговото објаснување. Според Пропозициите за натпреварување, капитенот на Работнички се соочува со казна од 25.000 денари и суспензија на еден натпревар односно со казна од 50.000 денари и суспензија на два натпревари во зависност дали инцидентот ќе биде оквалификуван како обид или како физички напад.

Ефремовски и Тадиќ имаа меѓусебен дуел и за време на натпреварот, кога влегоа во конфликт по една „мртва топка“, по што првиот доби техничка, а вториот неспортска грешка.