УЕФА доби нов спонзор - Аперол Шприц!

Фудбалот, пивото и навивањето отсекогаш оделе заедно. Наздравување со пиво за постигнат гол и добро познатата атмосфера по која се препознатливи големите фудбалски натпревари на Островот, каде што ќе се игра Европското првенство (ЕП). Но, Европската куќа на фудбалот (УЕФА) очигледно реши малку да ги промени навиките на навивачите за ЕП во 2028 година.

УЕФА официјално објави партнерство со „Кампари груп“, со кое Аперол Шприц ќе стане официјален спонзор на ЕП во 2028 година, но и на квалификациите за турнирот. Ова е прво меѓународно фудбалско спонзорство на компанијата.

Така, покрај пивото без кое тешко може да се замисли вистинска фудбалска атмосфера на Островот, на сцената ќе се појави и Аперол Шприц. Препознатливите ситуации кога, на пример, вашиот омилен тим постигнува важен гол, сите слават, се прегрнуваат и наздравуваат со кригли, овој пат можеби ќе изгледаат малку поразлично, па наместо кригли со пиво, ќе „летаат“ чаши со портокалова боја.

Од УЕФА велат дека станува збор за природно партнерство, бидејќи и фудбалот и брендот ги поврзуваат луѓето и создаваат заеднички моменти. И тоа беше така досега, но тешко е да се замисли во иднина некоја навивачка трибина како во еуфорија скандира со чаша Аперол во рака.

ЕП ќе се одржи во Англија, Шкотска, Велс и Ирска, со 24 репрезентации, 51 натпревар и девет стадиони. Аперол ќе биде присутен преку рекламни активности, промоции и различни искуства наменети за полнолетните потрошувачи.