Англиски фудбалер може да „заглави“ шест месеци во затвор зашто нокаутира - навивач на терен!
Триесетгодишникот вчера се појави пред судот во Манчестер, но на првото рочиште не се изјасни за виновен. Официјалното обвинение против него е за заканувачко и навредливо однесување со цел предизвикување страв или насилство.
Инцидентот се случи на 25 април за време на драматичниот решавачки натпревар меѓу Рочдејл и Јорк Сити од последното коло во Националната лига. Домаќините поведоа во 95-тата минута, што предизвика прво навлегување на нивните навивачи на теренот. Сепак, Јорк успеа да израмни во 103-тата минута, обезбедувајќи ја на тој начин титулата и промоција во Лига 2. При втората инвазија на теренот која следеше по израмнувачкиот погодок, Боатенг влезе во физички конфликт со еден од фановите. На видео-снимките јасно се гледа како фудбалерот најпрво е соборен на земја, а откако успева да стане, замавнува со тупаница кон лицето на навивачот.
Раководството на Јорк Сити излезе со соопштение во кое потенцира дека продолжува да му дава целосна поддршка на својот играч, додавајќи дека клубот максимално соработува со властите за целосно расчистување на сите околности. Како епилог од хаотичните сцени на стадионот беа уапсени вкупно петмина навивачи – четворица на Рочдејл и еден на Јорк.