Трагедија во Ирска: Почина боксер три месец откако беше брутално нокаутиран!

Ирскиот боксер, Ли Ривс, почина синоќа на 31-годишна возраст, откако три месеци се наоѓаше во индуцирана кома како последица на тешката повреда на мозокот што ја заработи на за време на борбата во велтер категорија против Гери Кали, одржана во „3Арена“ во Даблин на почетокот од август.

Кобниот момент се случи во десеттата рунда, кога Ривс по два тешки удари заврши на подот и ја загуби свеста, по што на носилки беше итно префрлен во болница каде што итно беше опериран. Боксерот минатиот месец бил префрлен од Даблин во Универзитетската клиника во неговиот роден град Лимерик. Иако семејството и пријателите биле оптимисти дека неговата состојба се подобрува, Ривс викендов добил нова тешка инфекција со која неговиот организам не успеал да се избори.

Ривс својата професионална кариера ја започна во ноември 2018 година, остварувајќи биланс од 16 победи (11 со нокаут) и само два порази. Пред да премине во професионалните води, 180 сантиметри високиот леворак боксер доминираше во Ирска каде што беше петкратен национален аматерски првак. Надвор од рингот, Ривс беше познат по неговото активно залагање за подигнување на свеста за менталното здравје, а во минатото служеше и како војник во ирската армија.