Симулациите открија: Македонија би можела да добие незгоден ривал во баражот!

Македонија на 20 ноември официјално ќе го дознае противникот во мартовскиот бараж за опстанок во Б-дивизијата на Лигата на нации, но најновите фудбалски симулации на „Football Meets Data“ откриваат дека најголеми се шансите нашата репрезентација да се соочи со Белорусија, но веднаш зад неа се наоѓаат уште две селекции.

Белорусија е на врвот со 27 отсто шанса за дуел со Македонија. На второто место е Кипар со 24,3 проценти, додека Естонија има 22,5 проценти. Многу помали се шансите за пресметка со Фарските Острови, односно 12,9 отсто.

Интересно е што Белорусија има поголема веројатност од вообичаените 25 проценти за еден можен пар. Од „Football Meets Data“ објаснуваат дека причината е правилото според кое Белорусија и Украина не можат да се сретнат во ждрепката.

Ждрепката за баражите е закажана за 20 ноември, а натпреварите ќе се играат од 25 до 30 март 2027 година.