Малта може да биде новата Македонија во европскиот фудбал - на малку потежок начин!

Фудбалската репрезентација на Малта ремизира на синоќешното гостување кај Гибралтар (1-1), резултат кој им го осигура првото место во групата Д1 од Лигата на нации, користејќи го минималниот триумф на Азербејџан против Лихтенштајн (1-0) и поради подобрата гол-разлика се промовираа во најдобра репрезентација во најнискиот ранг од натпреварувањето на УЕФА.

Овој развој на настаните кај фудбалската јавност во нашата земја неизбежно буди најубави спомени, бидејќи Малта во моментов се наоѓа во приближно идентична позиција каква што имаше Македонија пред неколку години. Имено, сложениот систем на Лигата на нации беше креиран токму со цел да им се даде шанса на фудбалските „аутсајдери“ за пласман на големите натпреварувања. Нашата селекција преку Лигата Д во првото историско издание на ова натпреварување стигна до плеј-офот, каде преку Косово и историското финале со Грузија во Тбилиси обезбеди дебитантски пласман на ЕВРО 2020.

Малта сега се надева дека ќе го реплицира токму овој „македонски рецепт“, но на малку потежок начин. Системот за пласман на ЕП 2028 предвидува плеј-оф местата да се пополнуваат од победниците на групите во лигите А, Б и Ц, доколку тие претходно не обезбедиле пласман преку редовните квалификации. Бидејќи најсилните европски репрезентации речиси секогаш се пласираат директно, линијата за баражот сигурно ќе се помести надолу, стигнувајќи токму до победниците од Лигата Д.

Доколку фаворитите си ја завршат работата во претстојните редовни квалификации, Малта ќе добие историска шанса да заигра во плеј-офот. Тоа значи дека оваа мала островска нација би можела да се најде во позиција да ја делат само два натпревари од сензационален пласман на континенталниот собир. Македонија веќе му докажа на светот дека чудата преку Лигата Д се возможни, а сега останува да се види дали Малта има капацитет да ја повтори нашата фудбалска бајка.