Врие во Хрватска: На Шукер му се подготвува смена од владеачката ХДЗ!

Контроверзниот Здравко Мамиќ повеќе од една деценија е алфа и омега во хрватскиот фудбал, но поради низата судски процеси за слоупотреба на положбата и зафатеноста со овие проблеми ги загубил конците во рака, па во Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) завладеала анархија која кулминирала со изборот на Златко Далиќ за селектор, објави хрватскиот портал „Индекс“, најавувајќи бура во хрватскиот фудбал во следниот период.

Според Индекс, Далиќ не е избор на Мамиќ, откако седна како в.д. селектор на местото на Анте Чачиќ и ја однесе Хрватска на Мундијалот во Русија. Наводно, Мамиќ инсистирал на Ненад Грачан или Роберт Јарни, а по смената на Чачиќ, контроверзниот бизнисмен за малку ќе се степал во ХНС.

Дека врие во Хрватска, „Индекс“ потенцира со најавеното изборно Собрание во ХНС, за кое Мамиќ сега активно се вклучува. Наводно, изборите требало да бидат во март или април идната година, но потпретседателот Давор Врбановиќ најавил дека тоа Собрание ќе се одржи до крајот на оваа година. Со цел да се одржи Давор Шукер на претседателската функција, Мамиќ се враќа на голема врата за да ја смири анархијата.

Опозиционерите во ХНС пробале да го искористат моментот од зафатеноста на Мамиќ со судските процеси, па почнало прегрупирање по регионалните сојузи. Наводно Маријан Кустиќ, 34-годишен риечанин, моментно е парламентарец и член на Извршниот комитет во ХНС, функција која му е во мирување поради судир на интереси. Тој е претседател на сојузот на Личко-сењсаката жупанија и тој е наводен противкандидат на Шукер. Зад него стои првиот човек на актуелниот првак Риека, Дамир Мишковиќ. Поради новиот закон, Кустиќ не може да биде дел од ХНС, но Хрватите потенцираат дека тој заедно со уште четворица сопартијци од ХДЗ сега всушност упатиле јасна порака дека Шукер како „фиктивен претседател“ нема да издржи уше многу.

Политичарите наводно имаат и голема поддршка од премиерот и шефот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, кој рекол по мечот Грција – Хрватска дека нема против да се исчисти ХНС и нови лица да влезат во хрватскиот фудбал. Засилен со поддршката од владејачката партија, Кустиќ веќе работел на терен и собира гласови за својата кандидатура. Според правилата му требаат осум потписи од жупаниските сојузи, а тој веќе има преку десет.

„Индекс“ најавува дека можно е на изборното Собрание да се кандидира и поранешкиот репрезентативец Дарио Шимиќ.

ФОТОМОНТАЖА: Index.hr