Турски циркуси: Фенербахче сега се премислил, сака да го задржи Алиоски?!

Два месеци секојдневно турските медиуми повикувајќи се на извори од турскиот гигант Фенербахче го бркаа македонскиот лев бек Езџјан Алиоски, објавувајќи дека само прашање на време е кога ќе си замине, за на крај да излезе пресврт, барем според најавите – истанбулскиот великан сака да го задржи популарниот Џани.

Алиоски дојде ланското лето на едногодишен заем од саудиски Ал Ахли и откако добро тргна во сезоната, па се најавуваше дека Фенербахче почнал преговори за откуп на договорот (се најавуваа два милиони евра за трансфер), после Мундијалот во Катар неочекувано се случи пресврт. Фенер и тренерот Жорге Жесус не биле задоволни од Алиоски, па македонскиот лев бек не беше во конкуренција за настап скоро три месеци. Медиумите во зимскиот преоден рок одбројуваа кога ќе биде откачен, но такво нешто не се случи, а излезе дека неговата замена од 8 милиони евра, Џејден Остерволде не е ништо подобар.

И сега од Истанбул доаѓаат нови поинакви вести од тие што медиумите бомбардираа зимоска. Фенербахче сериозно сака да го задржи Алиоски и со Остерволде да го има парот на левата бековска позиција за следната сезона. Последните настапи на македонскиот репрезентативец наводно ги разубедиле челниците дека сепак има квалитет во него. Оставен е простор до крајот на сезоната Алиоски со добрите мечеви да се избори за откуп на договорот.

Тој има досега 1.320 минути во 24 настапи и еден гол со две асистенции.