Тетовецот Фали Рамадани со контрола на српските клубови си заработил – сто милиони евра!?

Тетовецот Фали Рамадани, еден од најмоќните светски менаџери, кој се наоѓа под истрага за малверзации со трансфери, корупција и затајување на данок во Шпанија, според истрагата на шпанските власти, само од српските фудбалери и неговата контрола врз клубовите кај северниот сосед заработил цели – 100 милиони евра.

Рамадани ја поседува менаџерската компанија „Лиан Спорт“, која е петта најмоќна на светот и застапува 75 фудбалери со вкупна вредност од 580 милиони евра. Најголем дел од српските репрезентативци ги застапува тој и учествува(ше) во низа џиновски трансфери, а од поодамна е во фокус на српската јавност, поради малата заработувачка на српските клубови од трансферите, за кои Рамадани потоа заработувал многу повеќе пари.

Како што пишуваат српските медиуми, скоро две децении Рамадани има контрола врз српскиот фудбал и продава српски фудбалери, а моментно негови штитеници се Филип Костиќ, Лука Јовиќ, Никола Миленковиќ, Никола Максимовиќ, Лука Миливојевиќ, Филип Стевановиќ, Матија Настасиќ, Адем Љаиќ, Лазар Марковиќ, Марко Јефтовиќ, Немања Николиќ...

Сите овие играат во најсилните европски лиги и станува збор за исклучително талентирани фудбалери. Негова десна рака е поранешниот партизанов голман Никола Дамјанац

„После детална истрага и преглед и следење на потеклото на парите на меѓународно ниво, откриено е дека е направена криминална организација која ги контролира фудбалските текови, а посебно клубовите во земји како Србија, преку која се правени фиктивни трансфери. На тој начин Фали Рамадани и Никола Дамјанац се збогатиле и им нанеле големи финансиски штети како на клубовите, така и на државите во кои затајувале данок“, стои во објаснувањето на „Цивилната гарда“ на Шпанија.