Претседателот на ПАОК се извини: Заложник сум на „болниот систем“ во Грција

Првиот човек на ПАОК, Иван Савидис, преку соопштение се извини зашто влегол на теренот со пиштол, откако на неговиот клуб му беше поништен гол во мечот со екипата на АЕК.

До фудбалската јавност беше испратено кратко соопштение, во кое се објаснува целата ситуација и причините поради кои влегол Савидис на теренот со пиштол.

„Немав право да влезам на теренот. Реагирав така поради целата негативна ситуација во грчкиот фудбал и поради сѐ што се случи на крајот на мечот. Јас, моето семејство и моите колеги сме заложници на болниот систем во Грција. Не сакав да му наштетам на никого од АЕК, ниту на судиите. Само сакав да се заштитам од илјадниците навивачи. Ќе продолжам да се борам за чесен фудбал и натпреварите да се добиваат или губат на теренот, а не на суд“, пишува во соопштението.

Претходно грчкиот министер за спорт, Јоргос Василијадис по состанок со премиерот Алексис Ципрас, одлучи на неопределено време да ја суспендира грчката Суперлига, а ФИФА и УЕФА ги осудија инцидентите во Солун.