Адеми моментно е највреден „југословен“, а во топ десет нема ни еден македонски клуб! (ФОТО)

Бившојугословенскиот фудбал во изминативе години полека повторно се враќа на европската сцена со добрите настапи на српските и хрватските клубови, особено сезонава со кулминацијата со пласманот во осминафиналето во Лига Европа на Динамо Загреб и добрите настапи на белградска Црвена Звезда во групите во ЛШ, пред се големата победа над актуелниот вицепрвак Ливерпул.

И после едена нова сезона за паметење, која доаѓа откако лани Ц. Звезда и Партизан стигнаа до европска пролет во Лига Европа, а сега Динамо ги надмина и тоа во првиот свој вакво настап по 49 години, беше направена анализа во регионов за тоа кој е најскап фудбалер меѓу тие што играт од Триглав до Гевгелија, како и кои се највредните клубови на овие простори.

Број еден секако е Динамо Загреб. Големиот европски успех, кој денеска може да биде уште поголем со пласман во четвртфиналето (имаат 1-0 против Бенфика пред мечот во Лисабон) ги направи „модрите“ највреден клуб во регионот, а во врвот на највредните фудбалери е еден македонски репрезентативец – капитенот на загрепчани Аријан Адеми.

Адеми во моментов не игра поради операција на стомачниот ѕид, а неговата вредност е проценета на шест милиони евра. И ако се земе само од „домашните играчи“ тој е убедливо највреден. Севкупно е втор, веднаш зад шпанската ѕвезда на Динамо – Дани Олмо. Адеми има вредност од шест милиони евра, иако Динамо сака да го продаде и да ќари барем десет. Олмо, пак, е на врвот со проценета вредност од 15 милиони евра, но Динамо нема намера да го продаде за помалку од 25 милиони.

На листата освен Адеми, нема ниту еден друг македнски фудбалер, а меѓу 20-те највредни играчи, сите се од четири клуба – Динамо, Ц. Звезда, Хајдук и Риека. Интересно, нема ни еден од белградски Партизан, клуб од големата југословенска четворка, покрај Звезда, и хрватските гиганти Динамо и Хајдук.

Во анализата на вредноста, Динамо со 72,4 милиони евра е убедливо прв, пред српскиот шампион Ц. Звезда, која вреди 52,1 милион евра, а сите останати се двојно помалку вредни од белграѓани. Трета е Риека со 25,3 милиони, а Хајдук и Партизан ги делат само 50.000 евра – сплиќани вредат 24,6 милиони, а белграѓани 24,55 милиони евра.

Но, на листата од највредни десет екипи од овие екс-југословенски простори нема ниту еден македонски. Да го имаше Вардар составот годинава со кој играше во групи во Лига Европа, сигурно ќе најдеше место во таа највредна десеторка. Вака, на листата нема никој. Најдобро пласирана е тетовска Шкендија, актуелниот македонски првак со 8,2 милиони евра вреден тим на 16-то место. Или споредбено, Аријан Адеми има вредност како две третини од тимот на тетовци.