Адеми: Многу ми значи голот против Хајдук, особено што го дадов на „Пољуд“!

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми ја запечати вчера победата на Динамо Загреб во супердербито со Хајдук на „Пољуд“ (2-0), потврдувајќи дека ја достигна одличната форма после паузата од повредата за време на зимските подготовки, што е одлична вест и за Македонија во пресрет на историскиот меч со Косово во баражите за пласман на Евро 2020 кон крајот на месецов.

Адеми веќе две години игра во животна форма и со Динамо го направи најголемите успеси, а неодамна ја продолжи соработката со својот клуб, па погодокот против вечниот ривал и тоа како го израдува.

„Многу ми значи овој гол против Хајдук, посебно што го дадов на 'Пољуд'. Сега сме близу да ја одбраниме шампионската титула, ама мора да останеме сериозни и да се подготвиме за завршницата на сезоната, а со тоа и за добри нови летни квалификации во Европа“, вели македонскиот репрезентативец.