Татко ѝ ја тепал секој ден, а тренерот на Ѓоковиќ ѝ организирал филмско бегство од Хрватска

Спортот ни нуди неверојатни приказни од кои на момент запира здивот, а една од нив ни доаѓа од регионот и станува збор за тенисерката Мирјана Лучиќ која на 15 години ја освои својата прва ВТА-титула.

Родена е на 9 март 1982 година во Дортмунд, а уште како дете го земала рекетот во раце и очекувала да постигне големи успеси. Со семејството се преселила во Хрватска, а за нејзината кариера се грижел татко ѝ Маринко.

Мирјана имаше голем скок во кариерата, откако на 15-годишна возраст се закити со титула, а играше и финале во Стразбур со легендарната Штефи Граф.

Кога во 1998 година со Мартина Хингис во двојки ја декласира конкуренцијата на Австралијан опен, тогаш постави и рекорд, зашто никој не успеал толку рано да освои титула во Мелбурн.

Потоа следеше нешто што ја шокира Хрватска, но и светот, откако Мирјана откри дека татко ѝ е насилник и го малтретира цело семејство.

Мирјана собрала храброст и му раскажала сè на тренерот на Новак Ѓоковиќ, Горан Иванишевиќ кој им помогнал на неа, нејзината мајка, сестрите и браќата да се сокријат во околината на Загреб, а потоа да избегаат во Њујорк.

Со заминувањето во Америка почнале нови проблеми затоа што татко ѝ ги земал сите пари и ги оставил без ништо. Таа почнала да работи на шалтер за да собере пари да го прехрани семејството, а тенисот ѝ стана споредна работа. Од 2003 до 2007 година не одигра ниту еден меч, а потоа се случи пресврт кога го запознал италијанскиот бизнисмен Даниеле Барони.

Кога го запозна Барони, Лучиќ реши да се врати на теренот и тргна од самиот почеток, играше за само 50 долари, но тоа не беше проблем затоа што во 2009 година стигна до ВТА-турнир.

Во јануари 2017 година играше полуфинале на Австралијан опен, но неколку месеци подоцна го повреди рамото и реши да се повлече во јануари 2018 година за да му се посвети на семејството.