Медведев го растури Циципас и закажа финале со Надал на Австралијан опен

Рускиот тенисер Данил Медведев се пласираше во големото финале на Австралијан опен, откако славеше против Гркот Стефанос Циципас со 3-1 во сетови, односно 7-6, 4-6, 6-4 и 6-1, па за титулата на првиот гренслем-турнир во сезоната ќе се бори против Рафаел Надал, кој претходно беше подобар од Матео Беретини.

Двајцата тенисери играа одлично во првиот сет, кој мораше да се решава во тај-брејк, а таму подобар старт имаше Гркот, кој поведе со 4-1 и беше блиску до водство од 1-0 во сетови, меѓутоа Медведев направи целосен пресврт и со 7-5 го доби сетот.

Гркот ја искористи првата брејк шанса во вториот сет и поведе со 1-0, по што Медведев се врати во игра и израмни на 3-3, меѓутоа Циципас ја искористи нервозата кај неговиот противник, кој се караше со судијата, па така стигна до нов брејк и 6-4 во сетот.

Русинот на почетокот на третиот сет спаси две брејк топки, по што играше одлично, а во самата завршница влезе во одличен ритам и заигра многу побрзо од ривалот, па така го доби сетот со 6-4, додека во последниот сет грчкиот тенисер немаше никакви шанси и му ја препушти победата на Медведев.

Надал и Медведев досега одиграа четири меѓусебни дуели, а резултатот е во корист на шпанскиот тенисер, кој славеше на три од нив, додека една пресметка доби Русинот.