
Кирјос доби шут-карта од „Би-Би-Си“: На Вимблдон нема да биде ниту коментатор
Иако Кирјос сѐ уште се надева дека ќе може да настапи на легендарниот турнир, шансите се речиси никакви. Тој неодамна го откажа настапот на подготвителниот турнир во Штутгарт, а претходно и учеството на Ролан Гарос, иако таму беше пријавен само во двојки.
Австралиецот има проблем со зглобот на раката, за кој веќе беше опериран, но болките повторно се појавиле. Судбината на Кирјос како професионален тенисер станува сѐ понеизвесна. Проблем за него се и скандалите надвор од теренот.
„Би-Би-Си“ сега одлучи да го отстрани од коментаторската позиција поради јавните признанија дека минатата година физички ја нападнал својата поранешна девојка Кјара Пасари. Иако и лани се соочија со остри критики од јавноста и активистички здруженија, бидејќи сепак му дозволија да ги пренесува мечевите, оваа година британската телевизија одлучи да не ја повтори истата грешка.
„Минатата година беше предоцна да се реагира, но сега нема компромис,“ велат извори блиски до редакцијата на „Би-Би-Си“.