О'Саливен ја освои Велика Британија и патем урна уште два рекорда!

Една од најголемите легенди на снукерот, Рони О'Саливен, викендов триумфира на шампионатот на Велика Британија при што постави нови два импресивни рекорди .

Светскиот број еден во финалето го совлада Џунхуи Динг со резултат 10-7 и по осми пат во кариерата успеа да го освои овој престижен турнир. Со тоа стана рекордер по бројот на освоени пехари на британскиот шампионат, а стана и најстариот освојувач на ова натпреварување.
 
О'Саливен за два дена ќе наполни 48 години, а што е интересно е и тоа што тој е и најмладиот што некогаш го освоил овој турнир. Тоа се случи во веќе далечната 1993 година , кога го победи славниот Стивен Хенри со 10-6 во фрејмови и го подигна пехарот со само 17 години и 358 дена.
 
„Постојано мислите дека во одреден момент нема да можете повеќе да победите, но јас сум добро и ќе продолжам да газам додека можам“, изјави легендарниот снукерист.