
Француски тик-токер кампувал пред стадионот на МЃП - клубот го претстави како засилување! (ВИДЕО)
Станува збор за Французин што имал голема желба да стане фудбалер, но е само аматер кој ја продава својата приказна на Тик-ток. Според неговото признание, тој престојувал две недели во Скопје, а во еден период, 72 часа спиел под отворено небо пред стадионот на Македонија ЃП.
За тоа време, како што може да се забележи од видеата на неговиот профил на Инстаграм, ги следел тренинзите на тимот и отворено ја повикувал управата да му даде шанса, односно професионален договор за претстојната сезона. На крајот, неговиот апел успеал и денеска Македонија ЃП го претстави како свој играч. Иако има 31 година, Сила се претставува како „нов Ламин Јамал“, фудбалер кој е 13 години помлад од него.
Сепак, во овој случај не се работи за вистинско засилување, туку за нов начин на промоција на клубот од Ѓорче Петров на социјалните мрежи пошироко од границите на Македонија.
На Сила ова не му е првпат вака да се претставува бидејќи лани бил во прволигашот од Саудиска Арабија, Ал Шабаб и таму се обидел да издејствува договор.