Червар ги повика навивачите: Помогнете ни како против Гумерсбах за да го урнеме Гдањск!
Дуелот има огромно значење за битолчани, кои со евентуална победа ќе ги задржат реалните шанси за пласман во следната фаза од натпреварувањето. Тренерот на македонскиот претставник, Лино Червар, во пресрет на средбата посочи дека згуснатиот календар и трите дерби-натпревари во краток временски период претставуваат сериозен товар, но верува дека неговите избраници можат да одговорат на предизвикот.
„За нас овој меч е голем предизвик. Мора да дадеме сè од себе за да можеме да ѝ парираме на екипата на Гдањск, која сè уште нема пораз“, истакна Червар.
Искусниот стратег детално го анализирал противникот, предупредувајќи дека полскиот состав е спој на млади и искусни играчи кои негуваат висок интензитет и брз центар. Затоа, клучот ќе биде брзото враќање во одбрана, но и поддршката од трибините.
„Ни следи голема битка, но ќе се обидеме да го добиеме тој натпревар. Нема да биде лесно, но со помош на публиката... Ако ни дадат поддршка како против Гумерсбах, тогаш мислам дека имаме шанси. Секогаш има шанси кога имаш таква публика. Играат брз центар, ќе ни биде многу важно да се враќаме во одбрана. Сите мора да бидеме полни со оптимизам и да ѝ помогнеме на нашата екипа, а таа мора да даде сè од себе за да може да се победи таков противник“, порача Червар.
Натпреварот меѓу Пелистер и Вибжеже Гдањск се игра во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, со почеток во 18:45 часот.