Талески: Многу прокоцкавме, но да ни понудеше некој реми со две раце ќе прифатевме!

Македонскиот репрезентативен лев бек Филип Талески посочи дека Македонија многу прокоцкала со пропуштенаша шанса да ја победи Чешка во Злин и да го направи првиот голем чекор кон нов пласман на Светското првенство, па после вечерашното реми 24-24, сега во Скопје останува со победа да се обезбеди визата.

Македонија имаше и плус седум, но на крај не победи против Чесите, а Талески признава дека голема шанса е пропуштена, но ако се повтори играта од првите 42-43 минути, во Скопје ќе се радува Македонија.

„Можевме и тука да завршиме добра работа, но прокоцкавме многу! Стварно имавме контрола на мечот до 42-43 минута, пет-шест разлика за нас, со квалитетна одбрана, сигурни во напад. Ги изненадивме во второ полувреме со брзите голови и мислам дека додека тие се свестија, требаше да нагазиме уште малку за да завршиме голема работа тука. Но, што е тука е и овој резултат пред мечот да ни го дадеа ќе го прифатевме со две раце“, вели Талески, додавајќи:

„Ја изгубивме победата, во наши раце беше. За тоа треба да сме тажни, но и да ни биде поука за мечот во Скопје да не дозволиме такво нешто. Знаеме што не чека во Скопје, знаеме дека цела сала ќе биде зад нас, тешко е да се игра во тој пекол – одиме на победа“.

Според бекот ова реми ќе ги држи македонските ракометари свесни дека без оглед на добриот резултат, ќе мора да се одигра уште подобро, а најавува дека не очекува преголеми промени во играта на Чесите, единствено во одбраната.

„Ова ќе нѐ држи свесни, знаеме дека квалитетни противници се, имаат квалитетен тренер, ќе нѐ анализираат добро, имаат четири дена како и ние до реваншот, за да се спремат. Очекуваме уште поцврста и поквалитетна игра во Скопје. Може да сменат нешто со одбраната, како што реков и пред Романија со Чави Пасквал, дали нешто подлабоко. Во нападот тоа е, имаат недостаток на играчи поради повредени. Ќе бидат со ист состав, а сѐ што може да сменат е нешто во одбраната. Треба да се фокусираме на нашата игра, не смее да имаме вакви падови како во второто полувреме и ако продолжиме со оваа игра од првите 42 минути, во Скопје ќе се радуваме и ќе го оствариме тоа што сакаме.