
КФМ на Антиќ се пофали со светски паркет од ФИБА, а добила – „скапан“ и користен (ВИДЕО)
Последен пример за такво нешто е паркетот за кој заедно со соработниците се испофали(ја) дека е донација од ФИБА (види ТУКА) поради „успешната организација на најголем број на младински првенства во последните години“, кој конечно пристигна во Скопје и – разочара. Првичната испекција на добиениот „награден подарок“ покажува дека подлогата е далеку од модерна и светска, туку дека е користена и оштетена, а на одредени нејзини делови дури и – скапана. Прашање е дали и колку ќе може таа да се користи, иако беше најавена за наводно „модернизирање“ на СРЦ Кале, кое е под ингеренции на КФМ.
Без разлика што станува збор за подарок, неговото добивање не е бесплатно, а со тоа ниту евтино. За него, според македонските закони, мора да се плати данок и царина, што секако било претходно или ќе биде дополнително оптоварување за новото раководство на Куќата на кошарката предводена од Томица Главчев. Неофицијално, при неговото влегување, во КФМ е утврдена голема финансиска „дупка“ за чие санирање ќе треба многу време и голема помош од државата и од други пријатели на македонската кошарка.
Антиќ претходно дозволи да не се игра првенството поради штрајк на судиите, кои повеќе месеци не беа исплатени токму од КФМ, а прекина и традиција долга 20 години, откако не го одржа изборот за најдобри кошаркар(к)и и екипи за претходната година.