Кошмар на Олд Трафорд: Јунајтед водеше со 2-0, па доживеа елиминација (ВИДЕО)

Манчестер Јунајтед доживеа шокантна елиминација од Лига купот, откако на домашен терен загуби од Брајтон со 2-3, иако имаше предност од два гола.

Избраниците на Мајкл Карик одлично го започнаа натпреварот и по головите на Лејси и Маунт стигнаа до убедливи 2-0. Се чинеше дека Јунајтед има целосна контрола врз натпреварот, но гостите не се предадоа.

Брајтон го намали резултатот во првата минута од судиското продолжение во првото полувреме, кога Костулас ја затресе мрежата на домашниот тим. Гостите продолжија со одличната игра и во вториот дел, а во 65. минута Грос успеа да израмни на 2-2. Само пет минути подоцна следеше целосен пресврт. Максим де Кајпер погоди за 3-2 и го доведе Брајтон во водство, кое гостите успеаја да го задржат до самиот крај.

Јунајтед се обидуваше да стигне до израмнување во завршницата, а Карик во игра ги внесе и Мбуемо, Бруно Фернандеш и Куња, но промените не донесоа резултат и Брајтон го обезбеди пласманот во следната рунда. За Манчестер Јунајтед ова е втор пораз во само три дена, откако за викендот загуби со 0-1 од Манчестер Сити.

Во останатите натпревари од Лига купот одиграни вечерва, Евертон го совлада Вулверхемптон со 1-0, Флитвуд приреди изненадување против Шефилд Јунајтед со 1-0, додека Астон Вила беше подобра од Ковентри со 3-1.