Ракометарите ќе добијат премија од два милиони денари за секоја победа на ЕП

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) објави дека во соработка со Министерството за спорт обезбеди премија од два милиони денари за секоја победа на Европското првенство (ЕП), а пласман во следната фаза ќе донесе дополнителни два милиони денари.

Македонските ракометари добиваат дополнителна мотивација пред почетокот на ЕП каде што во групната фаза ќе играат против Данска, Португалија и Романија.

„Ракометна Федерација на Македонија е со нашите ракометари пред новиот европски предизвик – со тим кој не го поврзува само дресот, туку и заедничката љубов кон ракометот и Македонија.

Играњето за репрезентацијата е чест, но и огромна одговорност. Убедени сме дека нашите ракометари ќе настапат со мирна глава, силна мотивација и максимална посветеност на Европското првенство што од 15 јануари до 2 февруари ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка.

Континуитетот на настапи на големите натпреварувања е доказ за сериозна работа, истрајност и македонско срце.

Во соработка со Министерството за спорт, ќе биде обезбедена премија од 2 милиони денари за секоја победа, како и дополнителни 2 милиони денари за пласман во втората фаза на ЕП 2026“, објави РФМ.

РФМ претходно ја информира јавноста и дека имаат ново партнерство со „Триглав Осигурување Живот АД Скопје“.