Хрватскиот голман кој правеше чуда против Македонија потпиша за – ГРК Охрид!

Екипата на ГРК Охрид направи уште еден сериозен чекор во насока на создавање конкурентен тим за највисоките дострели во македонскиот ракомет, обезбедувајќи потпис од звучно европско име.

Од следното лето, голот на охриѓани ќе го брани хрватскиот репрезентативец Дино Славиќ, кој договори соработка со клубот до јуни 2028 година. Тој во последните денови од минатата година беше актуелен со чудата што ги правеше на голот на „коцкестите“ во пријателскиот меч против Македонија (26-23) во Пореч, на кој имаше 15 одбрани. Тој зад себе има богато интернационално искуство. Во последните три сезони беше стандарден член на француски Лимож, додека претходно настапуваше и во Лигата на шампионите како член на ППД Загреб. Неговата интернационална афирмација започна во 2018 година со трансферот во шпански Адемар Леон, по што настапуваше и за Замет и Умаг.

Фактот што беше еден од најзаслужните за победата на хрватската репрезентација против избраниците на Кирил Лазаров е причина што се очекува месецов да го има и своето деби на големо репрезентативно натпреварување и тоа на ЕП во Данска и Шведска.