„Криво ми е што нема да ја водам Македонија во баражот, но секогаш сум тука да ѝ помогнам!“
Тој без сомнение е едно од најважните имиња во македонскиот фудбал. По неговите историски успеси со младинската репрезентација, летото 2021 година го презема сениорскиот национален тим. Во неговиот четиригодишен мандат имаше црни денови, но и големи рекорди кои тешко ќе се надминат во иднина.
Селекторскиот мандат заврши – кога ќе погледнете наназад, дали сте задоволни од сработеното како селектор на македонската репрезентација?
„Искрено и презадоволен сум, според она што очекувавме и од она што знаевме со што располагаме, на крај кога ќе подвлечеме една црта остваривме и многу повеќе од тоа што го очекувавме“.
Ја презедовте репрезентацијата по историски настап на ЕП, во момент кога очекувањата на јавноста беа највисоки. Дали притисокот за продолжување на тој континуитет со позитивни резултати прерасна во товар?
„Секако дека не, туку само еден мотив плус. Репрезентацијата ја преземав во веќе почнатите квалификации за Светското првенство во Катар, одиграв три кола и завршивме на најдобар можен начин. Од седум натпревари на шест немавме пораз, загубивме само од Германија и обезбедивме историско второ место, а со тоа и историски бараж/плејоф за Мундијалот, каде што игравме со Италија и Португалија. Ја победивме Италија, актуелниот европски шампион, уште еден историски резултат, можеби најголем во историјата на Македонија. За жал не го направивме тој завршен чекор. Значи тој притисок прерасна во екстра мотив“.

Ако можете да го вратите времето, постои ли натпревар на кој денес би реагирале поинаку, без разлика дали тактички или со поинаков избор на состав?
„Кога се подготвувате за некој натпревар секогаш мислите дека тоа е тоа, дека тоа е правилно, тоа е исправно. Од таа гледна точка не би променил ништо. А после натпревар сите знаеме како требало или што би промениле. Но, како што реков пред мечот тоа што го правите сметате дека е вистинското, па не би променил“.
Дали има некоја грешка што не може да си ја простите а ја имате направено во вашиот мандат?
„Сите грешиме, нема безгрешен, еден е Господ. Останатите сите грешиме и грешките ќе бидат присутни во секоја фела, па и во мојата. Важно е да не ни се повторуваат тие грешки и да знаеме да ги минимизираме и најважна е реакцијата по една направена грешка, како и што понатаму“.
Под ваше водство Македонија ја имаше најдолгата серија без пораз – 14 официјални натпревари, но истовремено ги доживеа и двата најтешки порази во историјата, против Англија и Велс. Кој момент доминира денес - гордоста за рекордната серија или болката од тие порази?
„Со мене нема средина, или сте најгоре или сте најдоле. Секако дека болат тие две црни дамки во мојата кариера и воопшто во македонскиот фудбал. Морам да напоменам дека тие два резултати се сосема различни, тежината и сите околности што беа со Англија и Велс се сосема различни, тие ќе останат како такви, болни. Но, многу повеќе доминираат сите тие успеси и рекорди што ги направивме во последниот период за време на мојот мандат, не се само 14 натпревари без пораз, се и 13 натпревари по ред на кои Македонија постигнувала еден или повеќе голови, промоцијата во Лигата на Нации од Ц во Б лигата, во таа Лига на нации имаме шест победи по ред без примен гол и уште рекорди кои не може никој да ги избрише. Преовладуваат позитивните работи, но свесни сме и за тие два порази. Тоа се фактите, важно е како ќе ги менаџирате и позитивните и негативните работи“.

По натпреварот со Англија во Манчестер се создаде впечаток дека атмосферата во соблекувалната е сериозно нарушена. Колку беше тешко да се менаџира тој момент и повторно да се изгради хармонијата која подоцна ја видовме во репрезентацијата?
„Кога ќе дојдете во ситуација да имате такви околности во соблекувалната, кога ќе имате еден таков голем пораз, морате да направите подлабока постапка која ќе биде правец и насока како треба да се движите во иднина. Заедно со мојот стручен штаб се одлучивме за некои порадикални потези кои се покажаа како правилни и не доведоа до сите овие резултати. Мислам дека имавме само еден пораз на Олимпико против Италија, но и на тој меч бевме и тоа како конкурентни, особено во второто полувреме. Сето останато, сите рекорди, сите серии на непобедливост се направени во тој период после тој пораз од Англија и мислам дека тоа требаше да биде правец по кој треба да се движи репрезентацијата и се покажа како исправно сето тоа што го направивме“.
Пред натпреварот со Велс се зборуваше дека нов договор е веќе подготвен и дека формализацијата требало да следи по мечот. Во моментот кога судијата означи крај, дали почувствувавте дека тоа е и крај на вашата селекторска мисија, или одлуката на ФФМ да не ја продолжи соработката сепак ве изненади?
„Мечот со Велс беше борба за некоја подобра позиција во плејофот кој по вторпат го изборуваме, а многу посериозни и поквалитетни репрезентации од Македонија не можат да припарат ни близу, а Македонија е вторпат по ред таму. Пред тој натпревар, плејофот беше веќе обезбеден, па немавме притисок од тој аспект. За да дојде Македонија да се бори за подобра позиција во плејоф, не за плејоф, значи дека сме ги поставиле работите на едно многу повисоко ниво отколку што било и од тој аспект не чувствувавме никаков притисок на тој натпревар и не беше во прашање воопшто мојата понатамошна работа. Едноставно договорот ми заврши на 30 ноември. Сакам да искажам и благодарност до актуелниот претседател Масар Омерагиќ затоа што по неговото назначување ме остави, односно ми даде можност да го довршам договорот до крај и за тој период ги постигнавме дел од овие историски успеси. Ако не беше дадена таа доверба, немаше да ги постигнеме тие успеси, ниту јас како тренер, ниту Македонија, па голема благодарност до него и до неговите претходници. Благодарност до куќата на фудбалот како институција затоа што ми овозможи простор и можност да созревам и да напредувам како тренер“.

Од оваа сегашна дистанца, надвор од селекторската функција, верувате ли дека Македонија има реална шанса да направи ново чудо - да го мине баражот и да се пласира на СП?
„Бев присутен на ждрепката и веднаш по ждрепката во разговор со претседателот изразив дека е во ред ждрепката. Секако дека Данска и тоа како е квалитетна репрезентација, но и сите останати кои се најдовме таму, затоа што освен тие 12 кои се пласираа, Македонија се најде во другите најдобри 16 репрезентации во Европа, значи фактички тоа е кремот на европскиот фудбал и Македонија двапати по ред е меѓу тие репрезентации. Кога ќе го споредите овој ждреб со претходниот каде што ги имавме во првиот натпревар актуелниот европски шампион Италија, а потоа Португалија, а сега ги имаме Данска, а потоа Чешка или Република Ирска, од таа гледна точка може да се каже дека ждребот е во ред. Но факт е дека сите репрезентации што учествуваат во тој плејоф се квалитетни и не може да очекувате лесни или полесни противници, тие се тие. Од друга страна сакам да им посакам успех на репрезентативците и новиот стручен штаб да го направат тој завршен чекор што не успеавме да го направиме во минатиот плејоф и Македонија да се пласира на Светското првенство“.
Дали ви е тешко што ви е одземена шансата да ја однесете Македонија на СП, иако вие ја однесовте во баражот?
„Од фудбалски и од спортски аспект секако дека да, бидејќи го изборивме тој плејоф на еден извонреден начин со поставување на низа рекорди во македонскиот фудбал. Од спортски аспект ми е криво, но од друга страна договорот ми заврши на 30 ноември и секоја одлука на Фудбалската федерација морам да ја почитувам и одиме понатаму. Не можам да се лутам на било кого, а најмалку на Куќата на фудбалот и на актуелниот претседател, затоа што нели претходно напоменав дека шансата за докажување и можноста да ги направиме сите тие успеси ми е дадена од претседателот и никогаш не можам да бидам лут на некој што ви овозможил да растете како тренер“.
Ако се пласираме на Мундијалот, дали би оделе во Мексико да ги бодрите фудбалерите?
„Секако дека ако имам можност да. Јас сум лојален на ФФМ скоро 11 години и секогаш ќе бидам, секогаш ќе ја имаат мојата поддршка, но и помош од секој аспект“.

Кога ќе го погледнете актуелниот избор на фудбалери, но и пошироко – младинските репрезентации, каква е перспективата на македонската репрезентација во наредните години?
„Малку е неблагодарно да зборуваме за тоа, но се надевам дека со овој исчекор што го направи Шкендија во Конференциската лига, во Европски рамки, се надевам дека тој тренд ќе продолжи и понатаму и ќе го следат и останатите клубови, да имаме што поквалитетни домашни играчи, кои ќе бидат поконкурентни во европски рамки затоа што кога играте квалификации за Светско или Европско првенство или Лига на нации, се соочувате со различен тип на противници каде што ве очекува најквалитетното од било која држава и за да бидете конкурентни треба да имате прво сериозна, квалитетна база во домашните клубови, за да може и репрезентациите да црпат од клубовите. Честитки за Шкендија за сето она што го направи во Европа и се надевам дека тој тренд ќе продолжи и со останатите клубови“.
Што понатаму? Ќе си дадете одреден период за одмор или сте подготвени веднаш да прифатите нов предизвик доколку се појави соодветна понуда?
„Јас сум тип на човек кој има неизмерна енергија, поготово за она што сака да го работи, а јас уживам во работата во фудбалот како тренер и емоцијата секогаш ме водела, тоа може лесно да се види. Енергија никогаш не ми недостасувала никако, емоција уште помалку, во мојата фела никогаш не знаете кога и каква понуда ќе стигне и од каков тип на клуб или репрезентација, ако се работи за нешто сериозно уште сега би прифатил. Не чувствувам дека ми треба одмор“.
Дали некогаш повторно би ја прифатиле функцијата селектор на Македонија – и што би требало да биде поинаку за тоа да се случи?
„Не треба ништо да биде поинаку. Но за Македонија секој што ќе каже дека не сака да работи или не би прифатил, тој лаже. Сон на секој тренер или круна на неговата тренерска кариера треба да биде селекцијата на неговата држава. Јас си ја сакам државата, си ја сакам Македонија и секогаш сум спремен да помогнам и да се ставам во функција на Македонија. Значи секогаш да“.