Вечерва против Бахреин почнува последното брусење на „дијамантите на Лазаров!“

Македонската ракометна репрезентација вечерва ќе го одигра првиот контролен натпревар во 2026 година, а ривал на „црвено-жолтите“ ќе биде селекцијата на Бахреин (20.30 часот) во рамките на традиционалниот турнир „Јелоу куп“ во Швајцарија.

Станува збор за 52. издание на еден од најдолготрајните меѓународни ракометни турнири. Годинава ќе настапат четири селекции, од кои три се учесници на претстојното ЕП 2026 – Македонија, Швајцарија и Украина. Четвртиот тим е Бахреин, кој турнирот го користи како подготовка за Азискиот шампионат во Кувајт, квалификациски за Светското првенство 2027 во Германија.

Противникот на Македонија во Шафхаузен настапува со најсилниот можен состав. Бахреин доаѓа предводен од искусниот шведски стручњак Роберт Хедин, кој ја презеде селекцијата во мај минатата година, по период во кој тимот беше воден од исландски тренери. Дел од играчите кои настапија на Светското првенство 2025 во Хрватска, каде Бахреин го освои 29. место, повторно се дел од составот и на овој турнир, а тимот зад себе има и две контролни средби против Португалија.

По почетното последно брусење пред ЕП, „дијамантите“ на Кирил Лазаров ќе одиграат уште два натпревари – утре против Украина и в сабота против домаќинот Швајцарија, по што ќе се преселат во данскиот град Хернинг каде што на 16 јануари ќе го одиграат првиот меч на континенталниот собир и тоа против еден од организаторите, Данска.