Хаос во Тотнем: Гаф на тренерот, играчите се караат со фановите и ја напаѓаат управата!

Екипата на Тотнем се наоѓа во сериозна криза која одамна не е само резултатска, за што потврда беше и синоќешниот пораз на гостувањето кај Борнмут (2-3), со што серијата без победа во шампионатот се искачи на четири натпревари.

Но, проблемите на клубот не завршуваат на теренот. Пред натпреварот, навивачите бурно реагираа на потегот на тренерот Томас Франк, кој беше снимен како пие чај од чаша со симболите на Арсенал – најголемиот ривал на Тотнем. Дополнителен гнев предизвика и неговата стара изјава од почетокот на сезоната, во која тврдеше дека само Арсенал може да ја освои лигата без пораз, а дека Тотнем сигурно ќе губи. Тензијата кулминираше по крајот на натпреварот, кога Мики ван де Вен, Жоао Палиња и Педро Поро се упатија кон гостинската трибина, каде влегоа во вербална расправија со незадоволните навивачи на својот тим.

Капитенот Кристијан Ромеро реши да „удри“ на друга страна. Преку објава на Инстаграм тој ѝ се обрати на сопственичката структура на клубот со остри зборови:

„Извинување до сите навивачи кои нè поддржуваат. Ние сме одговорни, јас прв, во тоа нема дилема. Но ќе се соочиме со ситуацијата и ќе се обидеме да ја промениме – за нас и за клубот. Во вакви моменти, некои други луѓе треба да излегуваат во јавност и да зборуваат, но тоа не го прават – исто како што се случува веќе со години. Се појавуваат само кога сè оди добро, за да кажат неколку лаги. Ние ќе бидеме тука, ќе работиме заедно и ќе даваме сè од себе за да ја свртиме ситуацијата. Токму во вакви моменти најважно е да се молчи, да се работи и да се оди напред заедно“, напиша Ромеро.

ФОТО: EPA PHOTO