Ѓоковиќ и во 2026 година ќе „сонува“ да го престигне Роџер Федерер!
Дотогаш српскиот ас може да собори уште многу рекорди, можеби и да стане најтрофеен во историјата на тенисот иако од крајот на 2023 година во својата колекција додаде само два АТП пехара, во Женева и Атина, од Серијата 250. Со нив стигна до бројката од 101 трофеј во кариерата и му недостасуваат уште осум за да го стигне рекордерот Џими Конорс.
Можеби Конорс засега делува недостижно, но ако нема шанси на Гренд слем турнирите, па и Мастерсите, Ѓоковиќ секако е конкурентен на 250-ките каде најчесто не учествуваат Алкараз и Синер. Пред да го нападне Конорс, Србинот има една голема цел пред себе, а тоа е да се обиде да го (пре)стигне Роџер Федерер.
Швајцарецот ја заврши својата кариера со 103 трофеи што значи дека на Ѓоковиќ му недостасуваат уште два за да се израмни или три да го престигне. Првата шанса дополнително да му се доближи, Ѓоковиќ требаше да ја има на турнирот во Аделаида, каде што со евентуален триумф таму ќе си ја зголемеше самодовербата пред гренслемот во Мелбурн, но реши да се откаже. Сега, токму Австралија опен е шансата што ја чекаше.
фото: EPA photo