Екс ракометарката на Вардар лута: Срамно е тоа што ми го направи Црна Гора

Поранешната ракометарка и црногорска репрезентативка Јованка Радичевиќ го коментираше фактот дека никогаш не била прогласена за спортистка на годината во својата татковина.

Таа смета дека ова е неправда што, како што вели, ја следи нејзината кариера со години.

„Многу луѓе се повредени од фактот што јавно и отворено кажувам дека сум Црногорка и дека ја сакам Црна Гора повеќе од сè. Веројатно на некои луѓе не им се допаднало тоа што играв за Црна Гора на начинот на кој играв, на начинот на кој ги изразувам своите емоции“, рече Радичевиќ.

Таа истакна дека постигнала историски резултати и бројни индивидуални признанија. Поради ова, таа не го криеше своето разочарување, но и негодувањето.

„Ако некој ви каже дека постои ракометарка која го освоила сето ова - повеќе пати прогласувана за најдобро крило во Европа и светот, најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите и освоила сè што можело да се освои со репрезентацијата, а никогаш не била црногорска спортистка, тоа е срамно. Скандалозно“, додава таа.

Како што истакнува таа, причините за таквата одлука не се од спортска природа иако не сакаше да посочи имиња.

„Ако погледнеме кој седи во фотељите и донесува одлуки, подобро е да не одиме понатаму. Јасно е - станува збор за љубомора. Мора да ги наречеме работите со нивното вистинско име“, заврши една од најдобрите крилни ракометарки во историјата.

Радичевиќ беше играч на Вардар во периодот од 2013 до 2018 година, два пати со скопскиот тим стигна до финалето од Лигата на шампионите (2017 и 2018 година), но не ја освои титулата. Повеќе време помина само во матичниот Будуќност каде играше од 2004 до 2011 година. Кариерата ја заврши летоска, како ракометарка на Крим чиј играч беше претходните три години.