Пелистер дури на крајот го скрши Охрид: Битолчани остануваат во трка за титулата!

Ракометарите на Пелистер по голема драма триумфираа во дербито против Охрид со 27-24 во рамки на 12. коло од македонската Суперлига.

Двете екипи понудија интересен ракомет во воведните минути, каде што се играше гол за гол и ниту една од екипите не успеа да создаде посериозна предност. Сепак, на полувреме со водство од еден гол замина Охрид (12-11).

Охрид беше подобар ривал на паркетот и во вториот дел, а тоа го потврди со неколку добри акции со кои стигна до предност од 17-14. Сепак, Пелистер возврати со мини-серија од 3-0 и израмни на 17-17.

Голема борба се водеше и во завршницата од мечот, каде што Пелистер успеа да направи пресврт (23-22), а до крајот битолчани успеаја да ја зачуваат предноста и да слават со 27-24.

Најефикасен во победничкиот тим беше Филип Кузмановски со 11 голови, додека Доминик Мате постигна 11 погодоци за Охрид.

Пелистер по 12 одиграни кола има 19 бодови, колку што има и Охрид, додека Вардар е лидер со 22 поени и одигран еден меч помалку од ривалите.