„Не се плашите само вие од Исланд, туку и ние се плашиме од Македонија!

Исланѓаните го завршија своето, совладувајќи ја Јапонија, за да дојдат до четири бода, колку што има и Македонија, но со подобра гол-разлика. Ако не направиме чудо против Шпанија вечерва (20.30ч), тогаш ниту реми нема да ни заврши работа во утрешниот решавачки натпревар со нив.

По тешкиот триумф над Јапонија, Исланѓаните здоволни ги пренасочија мислите кон завршниот предизвик - Македонија. Бјоргвин Пал Густавсон, препознатливиот исландски голман со долга, руса коса, вели дека тоа ќе биде различен меч од овој со Јапонија, полн со емоции.

„Јапонците се подвижни, снаодливи, играат убав ракомет и нивниот тренер е одличен. Беше тешка борба, но, се разбира, сега се фокусираме на следниот натпревар, со Македониј, доаѓа за 24 часа. Тоа ќе биде различен меч од овој, многу поемотивен, влогот е место во главната рунда, затоа ќе биде важен натпревар и за двете репрезентации. Со Македонија сме играле многу, многу пати, така што се познаваме.“, ни кажа Густавсон. 

Тој беше една од потешките загатки за македонските ракометари пред две години, на Светското првенство во Франција, кога одигравме 27-27, и завршивме трети, пред нив.

„Мислам дека и двата тима се уплашени еден од друг, бидејќи и двете се опасни репрезентации со класа играчи, со двајца тренери кои се во светскиот врв, затоа едвај го чекаме овој натпревар, знам дека ќе биде фантастичен натпревр. Ние се подготвуваме за сѐ, го имаме Гудмундур Гудмундсон за селектор, кој обожава да анализира видео, така што се подготвуваме буквално за сѐ, кога играте против играчи од светска класа како Лазаров не може да биде поинаку“, коментира Густавсон.