Математиката е брутална: Само со три големи чуда можеме до четврт-финале на СП!
Тоа е навистина тешка мисија за избраниците на селекторот Кирил Лазаров, со оглед на тоа што „галските петли“ го покажаа досега на шампионатот, а тоа е огромна доминација на сите средби, со мала олеснителна околност, а тоа е можната калкулација кај противникот со оглед на веќе обезбеденото прво место во групата. Ваквото опуштање не е својствено кај големите репрезентации, но желбата да се сочуваат силите за завршницата би можело да ни отвори шанса за позитивен резултат против големиот фаворит.
Но, за воопшто да размислуваме за бод(ови) против Французите кои би нѐ однеле во ракометниот рај, претходно треба да се случат две големи чуда и победи или нерешени средби на големите фаворити. Првата варијанта е Унгарија и Холандија најмногу да ремизираат или, пак, да загубат против селекциите на Катар односно Австрија, што потоа ќе треба да го завериме со триумф над Франција. За да се оствари втората варијанта, пак, Унгарија мора да загуби од Катарците, додека Холандија би можела и да одигра нерешено, но не и да победи против Австрија, па во тој случај би ни одговарало реми во пресметката со „галските петли“.
Ова се опции за кои математиката вели дека шансите за остварување се изразуваат во промили, но се додека не завршат натпреварите надежта кај жолто-црвените нема да умре. Ако, пак, дојдат реални резултати на претходните две средби, а тоа се победи на фаворизираните унгарска и холандска репрезентација тогаш Македонија дури и со победа над Франција би завршила на четвртата позиција, што на крајот би ни долема пласман помеѓу 13. и 16. место на Мундијалот.