Марка жестоко удри по гледачите на Австралија опен: Скапан свет, скапани навивачи

Однесувањето на гледачите на Австралија опен на денешниот натпревар меѓу Новак Ѓоковиќ и Александер Зверев ги згрози сите вистински љубители на спортот.

Десетина илјади гледачи жестоко го исвиркаа српскиот ас затоа што се осмели да му предаде на својот ривал бидејќи чувствуваше голема болка во нозете која не се смири ни по две испиени таблети. Реториката што се користеше претходните две дена дека Ѓоковиќ ги лажира повредите и на тој начин ги „сече“ своите ривали доби плодно земјиште кај фановите во Мелбурн кои уште еднаш помислија дека тој измислува. Освен тоа, останаа покуси за едно спортско уживање кое место 3-4 часа траеше само 80 минути што ја прели чашата кај нив.

Револтот кај искрените љубители на спортот е огромен, а најдалеку отиде Марка, односно колумнистот Хесус Санчес кој во текстот со наслов „Скапан свет, скапани навивачи“ жестоко ги нападна присутните поради нивното неспортско однесување.

„Што се случува во спортот? Што правиме за секоја недела да се чувствуваме посрамени поради инциденти што се случуваат на трибините и предизвикуваат црвенило. Дали е тоа недостаток на образование, вредности и почитување? Токму тоа го видовме во спорт, цивилизиран како тенисот. Новак Ѓоковиќ, најголем тенисер во историјата, една од светските легенди, доживеа да го исвиркаат затоа што поради повреда се повлече во полуфиналето од Австралија опен.

Публиката на 'Род Лејвер' го напаѓаше од пакост, фрустрација или затоа што Србинот им го расипа спектаклот. Гледачите платиле влезница и можат да прават што сакаат. Колку само штета направи таа фраза! Муштеријата не е секогаш во право“, пишува, меѓу другото, Санчес.

Зверев си замина како победник од денешниот меч, но и како херој бидејќи застана на страната Ѓоковиќ и жестоко ја искара публиката во Мелбурн. И тој е свесен дека она што го доживува Србинот во градот каде освои десет Гренд слем титули, воопшто не го заслужил ни со своето однесување, ни со своите резултати.