Хрватска го разнесе Исланд и само чудо може да ја симне од првото место

Репрезентацијата на Хрватска одигра најдобро кога е најважно и драстично си ги поправи шансите за пласман во четвртфиналето од Светското првенство.

Пред полни трибини во загрепската Арена, „коцкестите“ го прегазија лидерот Исланд, го совладаа со 32-26 и можат само да жалат што триумфот не е уште поубедлив бидејќи на периоди имаа и +10. И ваква победа е доволна бидејќи се израмни со Египет и Исланд со по шест бода и во евентуален триаголник на крајот од групната фаза Хрватска ќе биде во предност затоа што има најдобар биланс во меѓусебните дуели.

Во последното коло сите три репрезентации имаат ривали кои се без шанси за пласман во следната фаза: Хрватска се среќава со отпишаната Словенија, Египет со Зеленортските Острови, а Исланд со Аргентина. Ако сите триумфираат, во четвртфиналето одат Хрватска и Египет бидејќи Хрватите во „кругот“ имаат +2, Египќаните +1, а Ислнѓаните -3. Хрватска може да извиси за првото место со евентуален пораз од Словенија или ако Исланд сензационално загуби од Аргентина.

Што се однесува до денешниот натпревар, најефикасен беше Иван Мартиновиќ со осум гола, но огромен придонес за победата на Хрватска имаше голманот Доминик Кузмановиќ кој забележа 17 одбрани.