„Детали нѐ делеа од четврт-финале – денеска требаше да играме за прво место!“

Македонија со конечен пласман на 15. позиција го заврши настапот на СП 2025, што може да се оцени како успех со оглед на несреќното реми во добиена ситуација со Унгарија и судиската неправда во поразот од Холандија.

Голманот Никола Митревски беше еден од столбовите на нашиот состав на Мундијалот, а неговата посветеност најдобро се виде кога бранеше со температура со која се бореше пред еден од дуелите во Вараждин.

„Доколку не беа Франција или Данска, против секој друг противник би имале поголеми шанси. Знаеме дека во овој момент тоа се главните кандидати за светската круна. Се обидовме да им парираме, иако тие немаа императив за победа, но таков тип на играчи како Французите никогаш не се опуштаат, секогаш играат, трчаат и се борат, иако го имаат обезбедено првото место. Ние одигравме солиден натпревар, секоја наша грешка ја користеа. Ние треба да го научиме тоа и да го поправиме за во иднина. Детали нè делеа од четвртфинале. Доколку ги добиевме двата нерешени дуели, сега ќе бевме во четврт-финале, а против Франција ќе се боревме за првото место во групата. Тоа е нешто што треба да го научиме како играчи и нација, да веруваме во себе и да се бориме против секого“, изјави Митревски.