„Можеби можевме повеќе на СП, но за големи резултати треба и верба!“

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров не го криеше своето задоволство од прикажаното на Светското првенство на кое, по подолго време, се одлепивме од дното и покажавме дека имаме светла иднина.

Денеска Македонија загуби од Франција, но уште еднаш одигра на врвно ниво. Мундијалот го заврши со биланс од две победи, два пораза и два нерешени резултати.

„Мислам дека треба да бидеме задоволни, очекував тежок натпревар и сметам дека Французите воопшто не не потценија. Кај нас се покажа она неискуство иако одигравме квалитетен натпревар, на висок ритам, повисок од оној со Холандија. Ние имаме предности во нашата игра, но и слабости кои Франција ги откри и ги искористи. Жалам за неискористените пенали во првото полувреме, но во секој случај сум задоволен бидејќи шести натпревар против Франција воопшто не е лесно.

Можам само да им честитам на играчите и на стручниот штаб за покажаното на ова Светско првенство. Можеби можевме повеќе на Мундијалот, останува мала горчина, но за големи резултати треба да се верува, а ние некако не верувавме“, изјави селекторот.