Со достоен отпор до целта против Франција – Мундијалот го завршуваме на 15. место (ФОТО)
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров на овој Мундијал остварија по две победи, нерешени средби и порази, што на крајот им донесе четири бода во главната фаза и пласман пред Австрија, која има ист број бодови, но полоша гол-разлика, но и пред Катар, кој остана без бодови.
Ова, пак, значи конечен пласман на 15. позиција, што може да се одреди уште сега без разлика што сѐ уште не се одиграни мечевите од вторите две групи од втората фаза. Македонија од сите четвртопласирани селекции може да биде подобра само од Италија, која исто така има четири бодови, но со полоша гол разлика, додека селекциите на истата позиција како нашата во групите 3 и 4 уште сега имаат подобар скор од нашите момци, што значи дека пласманот уште сега ни е одреден.
Отпорот на жолто-црвените на вечерашната средба против далеку пореномираниот ривал траеше само во првите десетина минути во кои во неколку наврати имавме минимално водство. Тогаш промашивме два пенали, а „галските петли“ ни вратија со серија 5-1 со која првпат посериозно се одлепија и дојдоа до плус три (8-5). Тоа беше знак дека работите околу победникот полека се решаваат, со оглед што фаворитот и без премногу да форсира, сепак, беше доволно поквалитетен за да не дозволи изненадување. Французите до крајот на полувремето во два наврати имаа предност од пет голови, а во првите десетина минути од продолжението таа се искачи и на плус седум (23-16), за крај дури и на минималните надежи на нашите момци за некаква сензација.
Нашата цел на крајот беше остварена, односно успеавме да одржиме едноцифрена негатива за да го задржиме четвртото место на табелата во групата 2 од втората фаза на СП 2025, кое ќе го загубевме ако бевме поразени со 10 или повеќе голови разлика, по што Австрија ќе не прескокнеше на табелата. Филип Кузмановски со осум голови повторно беше најпрецизен во македонскиот состав, Марко Митев реализира четири голови, сите во првите 15-тина минути од средбата, додека Жарко Пешевски застана на три погодоци.
Следен предизвик за репрезентативната селекција на Европското првенство, кое в година ќе се одржи во Данска и Норвешка.