Лазаревски: Не се согласувам дека поразот од Франција е достоен

Наспроти задоволство кај пошироката ракометна јавност од покажаното против Франција и генерално на Светското првенство, Милан Лазаревски смета дека денешното издание не е вистински показател за квалитетот на македонската репрезентација.

„Триколорите“ славеа со седум разлика што на Македонија ѝ беше доволно за да го освои четвртото место во групата, а со тоа и да влезе во топ-16 на шампионатот. Лазаревски, сепак, не е сосема задоволен, а има критики и на своја сметка.

„Не би се согласил дека ова е достоен пораз од Франција и покрај тоа што ривалот претендира на подиумот на секое првенство на кое игра. Мислам дека ние не бевме на своето ниво иако е неспорен квалитетот на француската репрезентација. Не се покажавме во најдобро светло и покрај позитивните елементи, едноставно не испочитувавме некои инструкции што ни беа дадени. Јас ќе се ставам на прво место, не бев целосно на натпреварот. Како и да е, имаме добри работи од натпреварот, но факт е дека можеме да се покажеме и во многу подобро издание. Во овој случај, резултатот е подобар од играта што ја прикажавме“, смета пикерот на Вардар.