Лазаров: Нема што да загубиме против Франција!

Македонската ракометна репрезентација утре го игра последниот меч од втората фаза на Светското првенство (СП), а ривал ќе ни биде моќната Франција.

Французите веќе го обезбедија пласманот во четвртфиналето на СП, но селекторот Кире Лазаров не смета дека поради тоа противникот ќе се опушти во дуелот со Македонија.

„Франција заедно со Данска се едни од најдобрите репрезентации во последните 10 години. Ние утре нема што да загубиме. По пет исцрпувачки натпревари решивме денеска да им дадеме одмор на момците. Ако нешто ни е потребно, тоа е силата. Да се обидеме да одмориме и да одиграме квалитетен натпревар колку што ќе ни дозволи ривалот. Тоа е една моќна репрезентација, која е добра во дуел, многу трча и има 16 добри ракометари и ротира во натпреварот. Ќе биде тешко да се спротиставиме, ќе побарам од моите играчи да немаат многу респект кон противниците, мора да се учиме да играме против поголеми селекции. Треба да се посветиме самите на себе и да веруваме во тоа што работиме“, кажа Лазаров.

Селекторот ги анализирал ривалите и си потврдил дека станува збор за една од најсилните селекции во светот во моментов.

„Од тоа што можев да го видам минатата вечер и денеска, заклучив дека се опасни на сите позиции, цврсти се и може да шутираат од различни места на теренот. Ние треба да се одмориме и утре да излеземе на терен и да го дадеме нашиот максимум. Ќе биде тешко да им парираме на Французите, но се надевам дека ќе нè потценат. Сепак, го знам нивниот начин на размислување, националниот дрес им е света и секој од нив ќе се бори до крај. Јас сум задоволен од моите момци, од нивната пожртвуваност и игра. Очекувам утре да одиграме уште еден добар натпревар, меѓутоа колку ќе ни дозволи противникот“, вели селекторот.

Македонија игра утре од 20.30 часот против Франција.