Пандев: На ЕП ќе се пласиравме и без селектор - тој е виновен што таму игравме очајно!

Горан Пандев кој денеска ја има улогата директор во репрезентацијатa, a вечерва беше гостин во подкастот на ФФМ во кој зборуваше на разни теми.

Тема беше и Европското првенство во 2021 година на кое тој ја предводеше Македонија со Игор Ангеловски од клупата за кого сега вели дека е највиновен за резултатите. Пандев и уште еднаш потенцираше дека таа генерација ја смета за најдобра во нашата историја.

„Таа генерација беше нашата најдобра и уште го мислам, ние и без тренер на клупа ќе се пласиравме на Европското првенство, каде што дури и ќе одигравме подобро. Ние на тоа првенство отидовме таму и толку, како да не треба повеќе да играме. Највиновен за тие резултати е селекторот, знаеме кој секогаш одговара за резултатите било во клуб или репрезентацијата.

Ние игравме кастрофално според мене, за мене тоа е најдобра генерација како што кажав и да не направиш резултат на тоа првенство, да изгубиш од Австрија и Украина...можевме да одиграме многу подобро ако бевме подобро тактички и ментално подготвени. Ние се базиравме само на индивидуален квалитет, не видов дека ги подготвуваме натпреварите тактички како што било случај со други тренери каде што сум бил. Ние таму отидовме како растурена банда.

Припремите беа кастрофални, а јас се водам по тоа „како тренираш, така играш“, едноставно го немаше тоа што е потребно, знаев дека така ќе заврши. Да се вратам назад на некои луѓе ништо не би помогнал, мојата добрина многу луѓе ја искористија и некои работи поинаку ги кажуваа само за свој интерес. Јас сум горд за тоа што сум помогнал и што сум направил“, истакна Пандев.

Според Пандев, Седлоски е вистинскиот човек за клупата на Македонија.

„Долги години играв со него во репрезентацијата, тоа е човек што не сака да губи и мислам дека заслужи да биде селектор со тоа што направи и како играч и како тренер. Човекот е победник и верувам дека тоа ќе го докаже на теренот“, истакна поранешниот капитен.