„Нѐ погоди изјавата на Хојлунд, сега имаме дополнителен мотив поради тоа!“
Седлоски кажа дека се мотивирани пред пресметката со Данска, посебно поради изјавата на нивниот напаѓач Расмус Хојлунд кој ја потцени Македонија.
„Изјавата на Хојлунд дека не сме ние Франција или Германија ни даде голем мотив. Нè погоди неговата изјава дека сме пониско од другите, но Македонија има сила и енергија да покаже што знае“, кажа селекторот.
Тренерот на македонската селекција кажа дека Данска ќе биде ослабена, но тоа не значи дека треба да опуштат.
„Данска ќе биде без првиот голман, но тоа не треба да нè залажува. Треба да бидеме фокусирани и да се браниме добро“, додаде Седлоски.
Седлоски ѝ се заблагодари и на македонската „Фаланга“ која утре во голем број ќе биде присутна на стадионот во Копенхаген.
„Им благодарам на сите навивачи кои ќе дојдат да ни дадат поддршка. Тоа ќе ни значи многу на сите во репрезентацијата. Тие ќе бидат мотив повеќе за нас, а ние треба да им возвратиме со добра игра“, кажа тренерот.
Натпреварот меѓу Данска и Македонија се игра утре од 20.45 часот на „Паркен“ во Копенхаген.