Лазаров: Со помош на армијата навивачи до нов добар резултат во Хрватска!
Селекторот Кирил Лазаров, кој беше дел од сите досегашни настапи, прво како играч, а сега како стратег, го нагласи значењето на овој континуитет.
„Од 2012 до 2025 година обезбедуваме присуство на секое големо натпреварување, нешто со кое може да се гордееме. Овој континуитет е редок дури и за многу поголеми држави. Мило ми е што заеднички успеавме да ја израдуваме јавноста и да покажеме дека македонскиот ракомет е стабилен и квалитетен“, истакна Лазаров.
Посебно внимание селекторот посвети на претходните успеси во Хрватска, каде Македонија имаше успешни настапи во 2009 и 2018 година. Оваа година, нашата репрезентација ќе се натпреварува во група со Унгарија, Холандија и Гвинеја.
„Имаме одлични искуства од Хрватска и убеден сум дека тоа може да се повтори. Нашите навивачи се нашиот осми играч, ја разбираат играта и ни ја даваат потребната поддршка во клучните моменти. Умерен сум оптимист затоа што ја познавам нашата енергија и новата генерација. Имаме млади играчи со карактер и потенцијал за големи резултати. Ќе почитуваме секој ривал, но нема да се плашиме. Во моментов сме насочени кон Унгарија, првиот и многу сериозен противник, но амбицијата ни е секогаш победа,“ рече Лазаров.
Ракометниот Мундијал освен во Хрватска ќе се игра уште и во Данска и Норвешка, а средбите ќе се одиграат во периодот помеѓу 14 јануари и 2 февруари.