Драма во Барса: Противниците на Лапорта се обединија и бараат негова оставка

Вчера беше одбиено и третото барање на Барселона да ги регистрира Дани Олмо и Пау Виктор и со тоа истече рокот кој го имаше каталонскиот клуб.

На Барса ѝ останува само да се надева дека Граѓанскиот суд ќе ја прифати жалбата и ќе ѝ нареди на Ла Лига да ги регистрира двајцата фудбалери бидејќи е факт дека сите обврски што ги имаше се исполнети. И ако се случи тоа, јасно е дека Барселона доживеа еден од најголемите бламажи во историјата и тоа беше повод опозицијата на Лапорта да се обедини и да се сврти против првиот човек.

Утринава е објавено официјално заедничко соопштение од противниците на Лапорта кои бараат негова оставка, како и оставка на целиот Управен одбор. Ако тоа не се случи, ќе бараат дозвола за гласање доверба на моменталната управа бидејќи сметаат дека во Собранието има многу повеќе кои ќе гласаат за недоверба на Лапорта и неговите соработници.

Единствената работа која во моментов го држи Лапорта е тоа што се уште постои надеж за регистрација на двајцата фудбалери. Тука е и поддршката од навивачите кои тврдат дека претседателот направи се што е во негова моќ и дека не треба да си замине.