Лазаров: Ќе играм уште една година, не сакам да се простам пред празни трибини!

Македонија вечерва оствари уште една победа во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2022, и тоа против Швајцарија со 29-28, а селекторот и капитен на репрезентацијата, Кире Лазаров кажа дека е задоволен од победата, но најави и дека ќе се пензионира.

Лазаров кажа дека плановите му се промениле поради ковид-19, па не сакал да се збогува пред празни трибини и затоа ќе чека уште една година, по која ќе замине во пензија.

„Јас донесов конечна одлука, иако клубот нема официјално потврдено. Ќе играм уште една сезона во Нант со помала минутажа. Така се договоривме и за годинава, но не можат да се остварат сите планови. Се променија работите поради ситуацијата со ковид-19. Не сакав да се збогувам пред празни трибини. Не инсистирав само јас, туку и мојата екипа затоа што играм многу добра сезона“, вели Лазаров.

Селекторот кажа дека е пресреќен со настапите во квалификациите и им се заблагодари на ракометарите затоа што запишаа три победи во четири меча против врвни селекции.

„Сакам да им се заблагодарам на ракометарите за тоа што го направија, три победи во четири меча против врвни репрезентации. Може да забележите дека не е лесно ако не играте квалитетно. Денеска беше голем психолошки притисок за мене и моите играчи дека нема да го добиеме овој натпревар, но останавме чесни пред нас, се боревме до крај и среќен сум што победивме. Одигравме квалитетен натпревар против Швајцарија. Во овие два три месеци направивме неколку чекори напред и има уште простор за да напредуваме, но и во важни моменти кога бевме во минус, знаевме што правиме и верувавме во нас“, вели Лазаров за натпреварот.

Швајцарците го изнервирале Лазаров пред натпреварот, но на теренот им покажавме кој е посилен противник.

„Ме изнервираа изјавите на Швајцарците пред натпреварот, кога кажаа дека биле блиску со Данска, но очигледно заборавија дека ние ја победивме Данска и дека треба повеќе да покажат почит кон нас“, објаснува селекторот.

Лазаров вели дека е задоволен од тоа како неговите ракометари ги реализираат замислените планови на тренинзите и се надева дека до ЕП ќе добие уште неколку одлични играчи.

„Јас сум презадоволен од тренинзите. По последниот тренинг им реков на луѓето од мојот стручен штаб дека ова изгледа неверојатно. Ракометарите со голем ентузијазам, концентрација и желба го реализираат тоа што ние го имаме замислено и сакав да кажам дека добивме самодоверба. Ќе ги искористиме следните шест-седум месеци за да организираме турнири на кои ќе треба да подобриме некои работи, а на тие дуели ќе им дадеме шанса на помладите за да добијат искуство и самодоверба. До Европското првенство мора да добиеме уште три-четири ракометари кои ќе треба да допринесат со квалитет“, вели Лазаров.

Македонскиот селектор кажа дека се планира и Б-репрезентација, односно тестови во јуни на кои ќе се проверат и други ракометари.

„Имаме во план и Б-репрезентација во средината на јуни, кога ќе направиме тест да видиме во каква форма се останатите ракометари, кои не можевме да ги провериме во овој скратен список. Друго е кога гледате на линкови во сала, а друго е кога ќе ги видите во акција на терен“, кажа Лазаров.