Лазаров и неговите воини денеска ја почнуваат приказната наречена ЕП во Данска!
Стартот е закажан за во Скопје, каде што националниот тим ќе работи до 26 декември, по што следи преселба во Хрватска. Таму македонските ракометари ќе престојуваат до 30 декември и ќе одиграат контролен натпревар против селекцијата на Хрватска. По кратката новогодишна пауза, репрезентацијата повторно се враќа во престолнината и ќе тренира до 6 јануари, а потоа ќе настапи на меѓународен турнир во Швајцарија заедно со домаќинот, Бахреин и Украина.
По швајцарската етапа следи заминување за Данска, каде што македонската селекција ќе ги одигра натпреварите од Европското првенство во Хернинг. Таму, пред почетокот на шампионатот, Лазаров ќе има на располагање уште еден контролен дуел со дополнително одреден противник.
Македонија на континенталниот собир ќе настапи во група со ко-домаќинот Данска (16 јануари), Португалија (18 јануари) и Романија (20 јануари). Првиот собирот на македонските ракометари е денеска во хотелот „Александар Палас“ (13.30 часот), а воведниот тренинг е од 18 часот во салата Автокоманда.