Познати почетните постави за Ел Класико: Реал без Мбапе, Барса со најсилниот состав

Чаби Алонсо и Ханси Флик ги одредија почетните постави за финалето од Суперкупот на Шпанија кое се игра вечерва од 20 часот.

Иако од вчера беше најавуван, Килијан Мбапе, сепак, нема да биде стартер во Ел Класико, но изненадува тоа што Реал почнува без класичен напаѓач бидејќи нема место ни за Гонзало кој играше одлично во отсуство на Французинот. Место нив, најистурен се очекува да биде Родриго кој погоди против Атлетико и има подем во својата форма. Во одбраната го нема Антонио Ридигер кој е повреден, а се чини дека најголемата сила на Реал треба да биде средниот ред каде се Ѓулер, Белингам, Чуамени и Камавинга.

Флик немаше проблеми околу составот и се одлучи за најсилната постава што ја има на располагање. По подолго време, во почетниот состав се враќа Роберт Левандовски кој заедно со Јамал и Рафиња треба да биде главна закана за голот на Куртоа.