Бундеслигашкото засилување пристигна во Охрид: Се радувам што ќе играм тука!
Претходно беше најавено, а сега е официјално реализирано, Џанфранко Прибетиќ пристигна во Охрид.
„Хрватскиот репрезентативен пивот потпиша со ГРК Охрид до 2028! Прибетиќ доаѓа од најсилната ракометна лига во светот, има 25 години (196цм). Штутгарт и Нексе се неговите претходни екипи каде што настапувал, а има и настапи за репрезентацијата на Хрватска“, стои во соопштението на ГРК Охрид.
Џанфранко Прибетиќ вели дека е среќен што ќе игра во Охрид и едвај чека да почнат натпреварите.
„Многу сум среќен и горд што потпишав за Охрид. Имам слушнато само убави зборови за клубот и за градот и ми претставува особена чест што сум тука. Се радувам на работата со нова екипа и нови предизвици кои не очекуваат во оваа полусезона и верувам дека ќе ги оствариме заедно со навивачите. Едвај чекам да започнат натпреварите и да се борам за целите на клубот", изјави Прибетиќ.